Папата Франциско, кој има признаено дека е „скаран“ со технологијата, денеска изјави дека Интернетот, социјалните мрежи и СМС пораките се дар Божји, доколку мудро се користат, пренесува БТА.
„Електронската пошта, СМС пораките, социјалните мрежи и четовите можат да бидат сосема хумани форми на комуникација“, наведува папата во својата порака за римокатоличкиот Светски ден на комуникациите.
„Технологијата не определува дали комуникацијата е автентична или не, туку човековото срце и нашата способност мудро да ги користиме средствата што ги имаме на располагање“, посочува папата.
Минатата година 79-годишниот папа пред едно девојче засрамено призна дека не знае како да ги користи компјутерите и дека целосно е „скаран“ со технологиите. Тој изрази мислење дека на семејната вечера не треба да има смартфони и во детските соби не мора да има компјутери.
Дали заради божјото провидение или заради случајно човеково совпаѓање, пораката на Франциско беше објавена во моментот кога тој разговараше со шефот на компанијата „Епл“ (Apple) Тим Кук, забележаа британските медиуми.
Во својата порака папата зазеде посмирена позиција кон модерните технологии, отколку што имаше во минатото, изјавувајќи дека „Интернетот може да биде корисен за изградбата на здраво и отворено општество“.
– Социјалните мрежи можат да ги олеснат врските меѓу луѓето и да содејствуваат за доброто во општеството, но можат и да доведат до поголема поларизација и поделби меѓу одделните луѓе и групи. Модерните технологии се дар Божји, што бара голема одговорност, додаде Светиот отец.
Тој упати повик и до политичарите и луѓето кои го креираат јавното мислење да промислат што и како зборуваат и да се наполнат со милосрдие. Тие со своите зборови не треба да ги користат другите за да распалуваат недоверба, страв и омраза.
– Место тоа, неопходна е смелост за водење на луѓето кон помирување. Точно оваа позитивна и креативна смелост ги предлага вистинските решенија на старите конфликти, како и можноста за постигнување траен мир, изјавува папата во својата порака.