Американскиот секретар за одбрана Леон Панета ја отфрли можноста за испраќање американски трупи во Мали. Европската унија се залага за итна интервенција во Мали, изјави првиот дипломат на ЕУ Кетрин Ештон.
Панета на заедничка прес-конференција со португалскиот министер за одбрана Жозе Педро Агијар-Бранко во Лисабон изјави дека САД се уште разработуваат детали за помош која ќе ја пружат на Франција.
САД на Французите во нападите на исламистичките екстремисти во Мали им пружаат помош во собирање разузнавачки податоци, а американски претставници не ја отфрлија можноста во Мали да испратат американски авион, кој би пружил помош во транспорт и логистичка поддршка.
Во меѓувреме, Нигерија објави дека регионалните западноафриканските сили ќе стигнат во Мали за неколку дена за да им помогнат на Французите во интервенција против исламистички бунтовници. Оваа информација за Би-би-си ја потврди командантот на тие сили, генералот Шех Абдулкадир, кој присуствува на состанокот на западноафриканските воени команданти во главниот град на Мали, Бамако.
Во Мали се наоѓаат 750 француски војници, а се очекува нивниот број да се зголеми на 2.500. Франција во петокот почна интервенција за да го запре напредувањето на исламистите кон југ.
Нигерија планира во рамки на регионалните сили, кои треба да имаат 3.300 припадници, да испрати 900 војници, 300 повеќе отколку што е претходно најавено.
Бенин, Гана, Нигер, Сенегал, Буркина Фасо и Того исто така ветија дека ќе испратат војници.
За тоа време Франција продолжува да ги бомбардира исламистичките позиции. Францускиот претседател Франсоа Оланд рече дека во воздушните напади изминатата ноќ е „остварена нивната цел“.
Во исто време, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон се заложи во ЕП за итна интервенција во Мали, за да спречи оваа африканска држава да падне во рацете на терористите и шверцерите со дрога.
– Ситуацијата во Мали драстично ескалира во последните неколку дена, рече Ештон, предупредувајќи дека исламистичките бунтовници блиски до Ал каеда успеале да се приближат до главниот град Бамако.
– ЕУ е подготвена за акција. Мораме веднаш да дејствуваме, рече Ештон, истакнувајќи дека терористите во Мали претставуваат закана за светскиот мир.