Неодамна објавените „Пандорини документи“ го открија богатството со кое располагаат италијанскиот фудбалски селектор Роберто Манчини и шефот на делегацијата на Азурите на ЕУРО2020 Џанлука Виали.
Детали околу тоа објави денеска италијанскиот весник „Л Еспресо“ во своето електронско издание врз основа на податоците од тајната архива откриена во меѓународната новинарска истрага на конзорциумот ICIJ.
Манчини во документите е наведен како акционер во „Bastian Asset Holdings“, со седиште во даночната оаза на Британските Девствени Острови, додека Виали е сопственик на друга компанија, „Crewborn Holdings“, исто така, регистрирана на Британските Девствени Острови.
Бројни детали излегуваат од „Пандорините документи“ за активностите на двајцата поранешни италијански репрезентативци и соиграчи во шампионската генерација на Сампдорија во 1991 година.
Според италијанскиот весник, карипската компанија на Манчини поседувала авион, додека Виали, кој има и британско државјанство, својата фирма ја користел за управување со низа кредити на италијански компании.