Пакистанската Управа за регулација на електронските медиуми (ПЕМРА), им нареди на домашните телевизиски станици од програмите да ја исфрлат рекламата за кондоми од марката „Џош“, во која учествува една од најголемите пакистански ѕвезди – моделот и актерка Матира.
ПЕМРА соопшти дека на овој чекор се одлучила по жалбите во јавноста.
Портпаролот на ПЕМРА, Факар-уд-Дин Мугал, наведува дека граѓаните оваа реклама главно ја доживуваат како „непристојна, неморална и во целосна спротивна на општествените, културните и верските вредности“.
Јавното рекламирање на контрацепцијата во длабоко конзервативното пакистанско општество е табу, иако повремено се појавуваат експерти кои предупредуваат дека населението се зголемува пребрзо во однос на природните ресурси и можноста на државата да ги задоволи неговите потреби.
Според податоците на ОН, контролата на раѓање не им е достапна на третина на Пакистанците, а населението, кое денес достигнува 180 милиони, се зголемува за два отсто годишно.
Кондомите „Џош“ во Пакистан ги популаризира „ДКТ интернешанл“, непрофитна организација со седиште во САД. Оваа организација ја промовира контролата на раѓање и превенцијата од зараза од ХИВ вирусот во земјате во развој.