Парламентот на Пакистан го избра денеска, поранешниот министер за нафта, Шахид Хакан Абаси за привремен премиер.
На оваа функција тој ке го замени Наваз Шариф, кој минатата недела беше суспендиран од Врховниот суд, обвинет за корупција, по што тој веднаш поднесе оставка.
Владејачката пакистанска Муслиманска Лига сака Абаси да биде само времено решение, додека таа функција не ја преземе братот на сменетиот премиер, Шахбаз Шариф. Абаси ќе го добие мандатот за привремен период од 45 дена. Потоа помладиот брат на Наваз Шариф, Шахбаз Шариф, ќе го преземе управувањето со земјата.
Шахбаз Шариф во моментот е главен министер на големата пакистанска провинција Пенџаб. Тој ќе може да ја заземе функцијата откако ќе поднесе оставка од својата сегашна должност и ќе го добие пратеничкиот мандат во Долниот дом на Парламентот. Овој процес може да му одземе 45 дена.
Наваз Шариф кој имаше само уште неколку месеци за целосно исполни еден премиерски мандат, што ќе беше прв пат во историјата на Пакистан, сега е осомничен за вмешаност во случај со корупција, заедно со неговата ќерка и зетот, како и со министерот за финансии и уште десетина други лица.
Врховниот суд кој го суспендираше Наваз откако од истечените „Панамски документи“ се откри дека неговите деца имале врски со оф-шор компанија и преку неа купиле имот во Велика Британија.
Судот оцени дека тој не може повеќе да биде премиер и пратеник, присилувајќи го да се повлече од премиерската функција.
Ова е трет случај, во кој Наваз Шариф е отстрануван од премиерската функција, пред да му истече петгодишниот мандат – било со воен преврат или од судската власт.
Во 70-годишната историја на Пакистан ниту еден избран лидер не го истуркал целиот свој мандат. Во приближно половината од својата историја Пакистан беше управуван од армиски генерали.