Пакистански суд нареди денеска да биде уапсен поранешниот претседател Первез Мушараф, но тој побегна пред да биде приведен, јавија западни медиуми.
Судската одлука беше донесена во врска со обвинувања за поставување судии во домашен притвор за време на извршувањето на функцијата на поранешниот претседател.
Личното обезбедување на Мушараф брзо го одведе од судот во Исламабад и не дозволи полицајци кои го чекаа пред зградата да го приведат.
Времената гаранција за Мушараф за случајот со судиите истекуваше денеска и поранешниот претседател се јави во судот за да побара продолжување на мерката. Судот не му даде право за ослободување со гаранција и ја поништи претходно дадената гаранција за него со која тој можеше да се врати во Пакистан. Мушараф се врати во Пакистан минатиот месец по речиси четиригодишен егзил.