Врховниот суд на Каталонија соопшти дека и официјално е покрената истрага против каталонскиот претседател Артур Мас околу неговата улога во организирањето и изведувањето на неформалното гласање за независност на овој шпански регион.
Во соопштението на Судот се вели дека отворен е процес против Мас, откако тој беше осомничен дека ја прекршил забраната на Уставниот суд да се изведе гласање.
На 9. ноември оваа година, каталонските сепаратисти, предводени од Мас и неговите сопартијци, организираа и изведоа на брзина,„контролно“ и неформално изјаснување на Каталонците за тоа дали сакаат нивната земја да биде независна и покрај силното противење на владата во Мадрид.
Ваквото гласање беше изведено откако шпанскиот Уставен суд претходно забрани да се организира „законски“ референдум за независност, како што претходно најави претседателот Мас, се додека не се испита уставноста на одлуката на регионалните, каталонски власти за неговото одржување.
На неформалната „контрола“ на расположнието на гласачите, како што тоа во последен момент го преименува Мас, 80 отсто од оние кои излегоа на гласање се определија за независност на Каталонија. Но излезноста на гласачите беше малку под 50 отсто, па излегува дека за отцепување на земјата од Шпанија, се изјасниле само сепаратистите и оние кои и онака заговараат независност.
Освен против Артур Мас, истрага е отворена и за неговиот заменик Јоана Ортега и против министерот за образование на Каталонија Ирене Рагуи. Сите тројца се обвинуваат за попречување на правдата, за непочитување на судска одлука и за злоупотреба на јавните фондови.
Каталонија е еден од најбогатите региони во Шпанија во кој последниве години е засилено сепаратистичкото движење и барањето за отцепување и за создавање независна држава.