Единаесет лица починаа во кубанскиот главен град Хавана, откако конзумирале илегално произведен рум, соопшти денеска Министерство за здравство на Куба.
Уште 40 други лица, кои пиеле од истиот рум се задржани на болничко лекување. Неколкумина од нив, според Министерството, се наоѓаат во „мошне тешка состојба“.
Отровниот алкохол бил украден од едно државно складиште, а потоа бил продаван како традиционален домашен рум. Сите настрадани лица имаат симптоми на труење со метанол, што обично се користи како растворувач или како гориво.
Во врска со овој случај двајца вработени од кубанското Министерство за фармација и храна, се наоѓаат под истрага, соопшти државната телевизија на Куба.
Сите 11 жртви се на возраст меѓу 37 и 58 годишна возраст и се жители на Хавана.