Американскиот претседател Доналд Трамп ја игра со Европската унија играта „раздели па владеј“ и земјите членки на Унијата не треба да подлегнуваат на оваа тактика, изјави денеска еврокомесарот Гинтер Отингер.
– На прво место треба да внимаваме да не ја прифатиме таа игра, истакна Етингер за радиото „Дојчландфунк“.
– Трамп направи серија катастрофални напади против Германија – најголемата економија во ЕУ. Тој ја нарече Унијата проводник на германските интереси и предвиде дека уште земји од ЕУ ќе гласаат за напуштање, како што направи Велика Британија во јуни минатата година, нагласи еврокомесарот.
Отингер наведе дека Трамп ги предупредил германските производители на автомобили дека ќе наложи давачка од 35 проценти за автомобилите што ќе бидат увезени на американскиот пазар.
– Неговиот висок советник ја обвини Германија дека користи „екстремно намалено“ евро со цел да стекне предност пред САД и нејзините партнери во ЕУ, истакна еврокомесарот.
Германската канцеларка го отфрли тоа обвинение и нагласи дека за еврото одговора Европската централна банка, а Германија ја почитува независноста.
Меркел беше најдобриот европски сојузник на поранешниот американски претседател Барак Обама, кој ја нарече „исклучителен партнер“ при прошталната посета во Берлин во ноември минатата година.
Откако Трамп стана претседател на САД, односите со Германија значително се влошија.
Отингер ја повика ЕУ да биде самоуверена во односите со Трамп.
– Располагаме со најголемиот пазар. Како тим сме посилни, заклучи еврокомесарот.