Најмалку осум лица загинаа, меѓу кои и жени и деца, а седум се ранети во експлозија на бомба поставена во автобус во северозападен Пакистан, соопшти денеска пакистанската полиција.
Експлозијата се случила кога автобусот минувал низ преполн пазар на релација од Пешавар до околен град, изјави претставникот на полицијата Фазал Вахид Кан.
Сите ранети се пренесени во болница. Возачот на автобусот, кој не е повреден, изјави дека експлозивот бил ставен под едно од седиштата. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Пешавар е главен град на провинцијата Кибер Пактунква, на границата со Авганистан.