Јужноафриканскиот атлетичар Оскар Писториус им давал пари за издржување на родителите на неговата убиена девојка Рева Стенкамп, беше соопштено во судот во Преторија.
Од понеделникот, во судот трае расправата, пред да биде изречена казната за Писториус, кој минатиот месец судијата во процесот,го прогласи за виновен, за ненамерно убиство на Стенкамп.
Иако судот не го прифати обвинувањето на Јавното обвинтелство за убиство со умисла, параолимпискиот спринтер сè уште се соочува со можноста да биде казнет со затвор од 15 години. Судијата, сепак, може да ја суспендира затворкста казна, со друг вид санкција.
За парите за семејството Стенкамп се разбра откако, во своето излагање, обвинителот Гери Нел, остро ја осуди понудата на Писториус до таткото и мајката на убиената девојка, нарекувајќи ги како „крвави пари“ кои родителите не ги сакаат.
Адвокатите на Писториус тогаш открија дека атлетичарот им понудил, а тие прифатле секој месец да примаат од него по шест илјади ранда (550 американски долари). Родителите на убиената Стенкамп западнале во финансиска криза и се соочувале со банкротство, по смртта на нивната ќерка Рева, па парите од Писториус им биле потребни за плаќање кирија и за месечните трошоци околу нивниот дом.
Ваквите исплати биле давани од март минатата година, веднаш по трагичниот инцидент во кој Рева беше убиена, се до септември оваа година. Договорот бил родителите да ги вратат парите кога ќе се поправи нивната финансиска ситуација.
Писториус преку своите адвокати им понудил и еднократно уште 34 илјади долари, што родителите на неговата, сега убиена девојка, ги одбиле. Атлетичарот сугерирал целиот тој аранжман да остане во тајност, но обвинителство се одлучи сето тоа да го прикаже во завршната расправа, пред определувањето на казната, како обид на осудениот Писториус, за замолчување на ожалостените родители на Стенкамп, или како откупување на гревот поради убиството.
Засега не се знае каков ефект врз определувањето на казната ќе има овој детал од односите меѓу Писториус и родителите на Рева Стенкамп, но тие во соопштение за јавноста рекоа дека ќе му ги вратат на атлетичарот сите 10.500 долари што досега ги имаат примено и се обврзаа дека против него нема да покренуваат никаква граѓанска парница.
Писториус ја уби својата девојка во февруари минатата година, во неговата вила во Преторија, пукајќи со пиштол низ вратата на бањата,мислејќи дека таму се крие провалник. И тогаш и сега, тој тврди дека пукал по грешка. Стенкамп беше манекенка и фото модел, а беше пред крај со правните студии.
Одбраната преку социјален работник кој беше повика како сведок, откри дека настојува Писториус да биде осуден на три години домашен затвор и општествено корисна работа. Ваквата изјава од обинителство беше огласена како „крајно несоодветна“ и предизвика шокираност кај родителите на убиената. Тие сметаат дека Писториус требаше да биде осуден за убиство со умисла.