Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на платформата Икс објави дека земјите членки на Европска Унија ги поставуваат условите за членство, а не земјите кандидати.
Тој реагира на објавата на Икс на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој напиша „важно е Украина се да направи за технички да биде подготвена за пристапување во ЕУ до 2027. Барем главните чекори ќе ги исполниме. Украина сака точен датум, бидејќи ако нема, таа ситуацијата ќе ја искористи Русија“.
– Претседателе, на погрешен пат сте. Пристапувањето во ЕУ е процес што се темели на заслуги. Земјите членки поставуваат услови, а не земјите кандидатки, наведе Орбан на Икс.
Унгарскиот премиер во друга објава на Икс истакна дека членството на Украина во ЕУ ќе и донесе војна на Европа.
– Зеленски отворено бара членство во ЕУ до 2027 година и го третира тоа како гаранција за воена безбедност, додека украинските воени лидери упатуваат остри закани до Унгарија. Пристапувањето на Украина кон ЕУ нема да донесе мир, туку војна во Европа, посочи Орбан.
Тој додаде дека „Унгарија нема да финансира, вооружува или легитимира закана за сопствената безбедност“.
Орбан денеска пред неговото заминување на неформалниот самит на ЕУ во Брисел, изјави дека унгарскиот суверенитет е од најголема важност и оти Владата нема да дозволи да биде загрозена или уценувана.
Тој уште еднаш нагласи дека заканите на Киев кон Будимпешта јасно покажуваат дека европската идеја за изградба и вооружување на моќна украинска армија со европски пари е спротивна на безбедносните интереси на Унгарија.
– Денес Украина претставува закана за Унгарија, а во иднина би можеле да произлезат многу проблеми од сè помоќна украинска армија на источните граници на Унгарија. Затоа не учествуваме во финансирањето на украинската армија, наведе Орбан.
Унгарскиот премиер посочи дека за решавање на проблемите во европската економија потребен е мир.
– Потребен е мир, бидејќи војната е лоша и ја блокира економијата, а исто така и парите што ги произведуваат европските луѓе треба да се трошат на нас самите, а не да се испраќаат некаде на друго место, на пример во Украина, посочи Орбан.
Според него, лидерите на ЕУ обично водат дискусии на различни теми, а на крајот сè се сведува на Украина и парите што треба да се испратат во Украина.
