Талибанците и нивните сојузници убиле повеќе од 100 поранешни членови на авганистанската влада, безбедносни службеници и луѓе кои работеле со меѓународните сили, се наведува во извештајот на Обединетите нации објавен денеска.
Извештајот ги опишува сериозните ограничувања на човековите права од страна на новите фундаменталистички владетели на Авганистан. Покрај информациите за политички убиства, се наведува дека се нарушени и правата на жените и правото на протест.
„И покрај најавената општа амнестија за поранешните членови на владата, безбедносните сили и оние кои работеле со меѓународната војска, УНАМА продолжува да добива веродостојни наводи за убиства, киднапирања и други прекршувања против овие лица“, се вели во извештајот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Откако талибанците го презедоа Кабул на 15 август, мисијата на ОН во Авганистан доби повеќе од 100 извештаи за такви убиства, што ги смета за веродостојни.
Извештајот, исто така, ја опишува владината репресија на мирните протести, како и немањето пристап на жените и девојките до работа и образование.
„Цел комплексен социјален и економски систем е затворен“, се наведува во извештајот.
Авганистан е во состојба на хуманитарна катастрофа, влошена со преземањето на власта од страна на талибанците, што ги принуди западните држави да ја замрзнат меѓународната помош и пристапот до милијарди долари средства што се чуваат во странство.
Извор: МИА