Обединетите нации ги разгледуваат извештаите дека повеќе од илјада лица биле убиени во Мјанмар во изминатата година во околности што може да се квалификуваат како злосторства против човештвото или воени злосторства, изјави денеска претставник на ОН.
Николас Кумџијан, шеф на Независниот истражен механизам за Мјанмар, рече дека безбедносните сили привеле илјадници цивили „во околности кои вклучуваат веродостојни наводи за произволно притворање, тортура, сексуално насилство, па дури и убиства додека биле во притвор“.
– Механизмот напорно работи за да ги поткрепи и документира фактите за овие извештаи за да утврди дали се извршени овие кривични дела и ако е така, кој е кривично одговорен и да подготви досиеја што би можеле да го олеснат гонењето, објасни Кумјијан во изјавата.
Тој рече дека веќе е собран „голем дел релевантен материјал во врска со овие настани“.
Кумџијан истакна дека истрагите за сериозни меѓународни злосторства „секогаш се предизвикувачки“.
– Обично е потребно долго време и значителни ресурси за да се изградат добри случаи, додаде тој.
– Механизмот е многу благодарен на илјадниците лица и организации кои споделија докази релевантни за нашето истражување на сериозни меѓународни злосторства во Мјанмар, рече Кумџијан.
Мјанмар денеска ја одбележува првата годишнина од државниот удар во оваа југоисточна азиска земја. Оттогаш земјата западна во хаос и насилство. На 1 февруари минатата година, мјанмарските генерали ги соборија лидерите Аунг Сан Су Чи и Вин Минт. Добитничката на Нобеловата награда за мир во 1991 година Су Чи е во домашен притвор и досега е осудена на неколку години затвор, а се соочува со уште обвиненија.
Извор: МИА