Обединетите нации ја повикаа Шпанија да го поништи Законот за амнестија од 1977 година со кој се помилувани злосторствата направени за време на 36-годишната диктатура на генералот Франсиско Франко.
ОН во Шпанија испрати работна група чија задача е да испита на кој начин се истражуваат случаите на исчезнатите луѓе за време на владеењето на Франко.
ОН реагираа откако стотици Шпанци се обратија до судовите во Аргентина барајќи правда поради злосторствата направени за време на диктатурата на Франко. Тие се обратија до аргентинските судови поради Законот за амнестија од 1977 година. Адвокатите на жртвите од диктатурата на Франко бараат да се применат одредбите на Меѓународното право и на осомничените да им се суди за злосторства против човештвото.
Аргентинскиот Врховен суд во 2005 година го поништи Законот за амнестија.
За време на диктатурата на Франко и граѓанската војна во Шпанија животот го загубија и исчезнаа повеќе стотици илјади луѓе.