Рекордни 38 милиони луѓе се интерно раселени по судирите или насилствата, што претставува пораст од 4,7 милиони во однос на 2013 година, се наведува во заедничкото соопштение на Центарот за мониторинг на интерното раселување (ИДМЦ), Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ) и УНХЦР.
ИДМЦ денеска во Обединетите нации во Женева го објави Глобалниот преглед за 2015 година за интерно раселените лица поради судири и насилства, во кој се наведува дека секој ден, во текот на 2014 година, 30.000 луѓе ги напуштиле домовите.
Бројот на интерно раселени лица бележи пораст трета година по ред. Околу 60 проценти од новораселените лица се наоѓаат во пет држави: Ирак, Јужен Судан, Сирија, Демократска Република Конго и Нигерија.
Во 2014 година најголем број цивили ги напуштиле домовите во Ирак – најмалку 2,2 милиони луѓе. Повеќе од 40 отсто од жителите на Сирија или 7,6 милиони луѓе се интерно раселени, што е најголема бројка на раселени лица во светот.