Околу 120.000 домаќинства во Париз останаа без струја поради дефект на електричен трансформатор на електродистрибутерот Енедис, соопшти Одделот за пренос на електрична енергија (РТЕ).
„Синоќа околу 22:15 часот снема струја во третиот, четвртиот и петтиот арондисман на Париз. Дефектот е отстранет околу 23:00 часот и дистрибуцијата на електрична енергија продолжи нормално“, напиша канцеларијата за односи со јавноста на РТЕ во објава на Твитер, пренесуваат британските медиуми.
Портпаролката на компанијата Енедис изјави дека дефект на трансформаторот предизвикал прекин во преносот на електрична енергија.
Таа додаде дека дефектот не е поврзан со најавената „вежба за намалување на оптоварувањето со електрична енергија“ што денеска ќе ја спроведат „Енедис“ и „РТЕ“ за да се подготват за можни контролирани прекини на струја поради недостиг на пазарот.
Француските министри претходно предупредија на можни прекини на електричната енергија, доколку дојде до недостиг на електрична енергија на пазарот, кој, како што рекоа, нема да трае подолго од два часа и ќе биде однапред објавен.
Извор: МИА