Британскиот заменик-премиер Ник Клег денеска изјави дека ќе побара итен состанок со амбасадорот на Кина во Лондон за да изрази „шокираност и вознемиреност“ поради одбивањето на кинеските власти да дозволат одржување на слободни избори во Хонг Конг.
– Изгледа дека власта во Пекинг е одлучна во намерата да го онмевозможи народот во Хонг Конг во тоа што има целосно право, а тоа се слободни, праведни, отворени избори, засновани на универзалното право на глас. Не е во интерес на Кина голем број разочарани граѓани во Хонг Конг да чувствуваат дека им е одземено правото за користење на своите демократски права. Не познавам никој кој смета дека универзалното право на глас значи на избори да можат да се кандидираат само тие чија кандидатура претходно е потврдена од страна на некој друг, посочи Клег.
Најмасовните протести во Хонг Конг од враќањето под контрола на Пекинг во 1997 година, траат со денови. Граѓаните се незадоволни од одлуката на власта за изборот на првиот човек на Хонг Конг во 2017 година.