Американски борбени авиони Ф-15 доцна синоќа извршија два напади врз иранските бази на истокот на Сирија и позициите на Револуционерната гарда на Иран, како одмазда за нападот во кој загина еден американски изведувач, а неколку војници беа ранети.
Пентагон соопшти дека нападите на американските Ф-15 биле насочени кон објекти користени од групи поврзани со иранската Револуционерна гарда.
Сириската опсерваторија за човекови права објави дека осум проирански борци во Сирија биле убиени во американските напади.
Американските напади се одговор на неодамнешниот напад врз американскиот персонал во базата на коалицијата во близина на Хасака во североисточна Сирија, за што Вашингтон го обвини Иран.
САД велат дека ќе го заштитат својот персонал во Сирија, а новото насилство може дополнително да ги влоши веќе заладените односи меѓу Вашингтон и Техеран кои ги закочија напорите за заживување на нуклеарниот договор.