Дојче Веле – Бон
Како одмазда за убиството на генерал Сулејмани, Иран нападна две воени бази во Ирак, користени од Американците. Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше нагласено спокојно на ракетните напади.
Две од воените бази во Ирак, кои ги користат и војниците на САД, според американски извори, биле цел на поголем број напади со балистички ракети истрелани од Иран. Станува збор за воздухопловната база Аин ал-Асад во централен Ирак и за база во северниот град Ербил, соопшти Пентагон.
Досега нема извештаи за жртви. „Работиме на првични проценки на штетите“, се вели од американското Министерство за одбрана, со дополнување дека се преземаат сите потребни мерки за заштита на американскиот персонал, партнерите и сојузниците во регионот.
„Сѐ е во ред“
Американскиот претседател Доналд Трамп, по кризната седница на неговиот национален тим за безбедност, напиша дека ситуацијата уште се сондира. „Сѐ е добро!“, твиташе Трамп, додавајќи: „Ние располагаме со најсилната и најдобро опремена војска во цел свет!“ За денеска Трамп најави своја изјава.
Говор во текот на денешниот ден најави и иранскиот претседател Хасан Рохани. Иранската државна телевизија јави дека во нападите се убиени 80 „американски терористи“, а тешко се оштетени хеликоптери и друга воена опрема на американската војска. Иранската војска истрелала 15 ракети врз американски цели, ниедна не била пресретната.
Медиумите тврдат дека американските војници стационирани во Ирак добиле предупредување за иранскиот ракетен напад. Благодарение на навремениот аларм, војниците имале време да се засолнат во бункери, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на припадник на американската војска.
Блокада на воздушниот простор над Ирак
Неколку часа пред иранскиот напад, Трамп предупреди: „Доколку Иран преземе нешто што не смее, земјата ќе се соочи со последици. И тоа многу силни.“
Конгресниот спикер Ненси Пелоси го повика Иран да запре со сите насилства, а владата на Трамп да прекине со секакви „непотребни провокации“. Челната дама на Демократската партија во Претставничкиот дом и противник на Трамп, уште пред пораката на претседателот, твиташе: „Америка и светот не можат да си дозволат никаква војна“.
Американската Сојузна управа за цивилно воздухопловство во меѓувреме им издаде забрана на сите американски авиокомпании за користење на воздушниот простор над Ирак, Иран, Персискиот Залив и Омаскиот Залив, поради постоење зголемен ризик таму некој воздушен објект да биде погрешно идентификуван.
Иран соопшти „целосен успех“
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека базата Аин ал-Асад е „целосно уништена“, нападите со балистички ракети од типот земја-земја врз базата „окупирана од Американците“ биле „целосен успех во секој поглед“. Ракетните напади се само почетен чекор, изјави командантот, предупредувајќи го „големиот сатана“, САД, да не врши противнапади, зашто секоја американска реакција ќе биде пречекана со уште потврда реакција, се вели во соопштението на елитната единица.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф смета дека иранските напади биле сразмерен и оправдан „акт на самоодбрана“. Истовремено тој на Твитер истакна: „Ние не се стремиме кон ескалација или војна, но ќе се браниме против секаква агресија.“
Во Ирак се стационирани околу 5.000 американски војници, кои го предводат меѓународниот воен сојуз во борбата против терористичката милиција Исламска држава. Американските бази во Ирак во последно време зачестено се напаѓани од страна на локалните шиитски милиции, поддржувани од Иран. Исламската Република се заколна на одмазда за убиството на водечкиот ирански генерал Касем Сулејмани во американски воздушен напад во Ирак минатата недела.
Германските војници не се повредени
Војниците на Бундесверот, стационирани во Ербил, не се повредени во иранските ракетни напади. „Во контакт сме со војниците, тие се чувствуваат добро“, изјави портпарол на командниот штаб во Потсдам. Во Ербил моментно се стационирани 115 германски војници.
Бундесверот, како што изјави германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, се подготвува за евентуално преместување на дел од војниците стационирани во северен Ирак, сите чекори се преземаат во тесен дослух со меѓународните партнери.