По насилните протести за време на викендот денеска беше одложена расправата во израелскиот Парламент за контроверзниот закон, кој според критичарите на премиерот Бенјамин Нетанјаху има за цел да го заштити од истрагите за корупција.
Во саботата во Тел Авив се одржа масовен протест, а синоќа Нетанјаху побара нацрт-законот да биде преработен.
Со предложениот закон ќе може да се блокира израелската полиција да објавува наоди и да дава препораки до обвинителството за обвниненија поврзани со јавните службеници. Според критичарите, со промените информациите за кривичните истраги за премиерот ќе се држат настрана од јавноста.
Нетанјаху преку социјалните мрежи информираше дека побарал законот да не се применува во истраги против него, со цел да се спречи политичка пропаганда.
Законот е предложен од Давид Амсалем од партијата на Нетанјаху. Според него тој има за цел да ги заштити десетиците илјади граѓани, чиј живот бил директно уништен како резултат на објавување на информациите.