Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е подготвена да ги следи и да учествува во преговорите меѓу властите во Киев и „бунтовниците од источниот дел на Украина“, изјави денеска генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер на средба со укрански бегалци во Ростовската област.
– Ние ќе го контролираме тој процес, ќе го следиме и ќе учествуваме во него, наведе Заниер, одговарајќи на прашањето, кој ќе гарантира дека проруските сепаратисти нема да бидат убиени ако го положат оружјето.
Тој посочи оти за враќање на мирниот живот во Украина потребно е примирје.
– Нема едно единствено решение кое би можело да го предложи меѓународната заедница за излез од ситуацијата. Решението мора да го предложат луѓето, тоа треба да потекне од народот, рече Заниер.
Властите во Ростов претходно соопштија дека од почетокот на борбите приближно 70.000 лица од Украина влегле во Русија преку Росовската областа, а дека околу 35.000 останале во регионот.
Властите во Доњецката и во Луганската област, кои граничат со Русија, соопштија дека околу 40 проценти од жителите го напуштиле Славјанск за време на операциите на украинската војска, како и дека од Доњецк заминале 15.000 луѓе.