ОБСЕ официјално ја заврши осумгодишната мисија во Украина

Од:

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека и официјално по осум години ја завршува својата набљудувачка мисија во Украина, откако Русија стави вето на нејзиното продолжување.

Најавторитетното тело за безбедност во светот соопшти дека ќе се спроведат неопходните чекори „да се затвори мисијата откако членството не успеа да најде начин да ги заобиколат забелешките на Русија на минатомесечниот состанок“.

Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау, чија земја претседава со ОБСЕ, истакна дека организацијата ги испробала сите можности, но оти позицијата на Руската Федерација не оставила простор за избор.

Мисијата на ОБСЕ во Украина започна во 2014 година, по бунтот на сепаратистите поддржани од Русија во источниот дел од земјата.

Организацијата за европска безбедност и соработка беше единственото меѓународно тело што го надгледуваше конфликтот на терен.

Речиси сите набљудувачи на ОБСЕ беа повлечени од земјата по руската инвазија во февруари. Остана само дел од административниот персонал, од кој четворица беа приведени.

Генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид нагласи дека организацијата ќе продолжи да настојува да бидат прекинати „апсењата, заплашувањата и дезинформациите што се опасни за припадниците на нашите мисии“.

Во ОБСЕ членуваат 57 држави од три континенти, меѓу кои се и Русија, Украина и САД.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Белоусов: Руските вооружени сили ги „згазија“ најдобрите украински единици

Горан Наумовски

Лавров: Западот почнува да сфаќа дека ќе остане само дел од Украина

Медиуми: Севернокорејски генерал е ранет во неодамнешниот украински ракетен напад

Горан Наумовски

Украина денеска го затвори својот парламент од безбедносни причини

Горан Наумовски

Две лица загинаа во Суми, 12 се повредени

Рускиот амбасадор во Лондон ја обвини Британија за вмешаност во војната во Украина

Горан Наумовски