Поради спорот меѓу Европската Комисија и фармацевтската компанија „АстраЗенека“ за доставување вакцини, договорот потпишан со оваа фирма во август минатата година е објавен денеска, но само во редактирана форма, јави дописничката на МИА од Брисел.
Комисијата пред два дена побара од „АстраЗенека“ да го објави договорот за да се расчистат дилемите околу нарачките и доставите на вакцините, откако компанијата соопшти дека нема да може да ги достави сите на време.
Сепак клучни делови од овој договор остануваат тајни, бидејќи тие информации се сметаат за “доверливи“, посебно во делот на цените.
Европската Комисија и се заблагодари на „АстраЗенека“ за “заложбата за повеќе транспарентност“.
„Транспарентноста и отчетноста се важни за да се изгради довербата на европските граѓани и да бидат сигурни дека можат да сметаат на ефикасноста и безбедноста на вакцините набавени во ЕУ“, реагираше денеска Европската Комисија.
Од ЕК велат дека се надеваат дека ќе можат да ги објават и другите договори со фармацевтските фирми во иднина.
Договорот е објавен на следниот линк: https://ec.europa.eu/