Унгарскиот премиер Виктор Орбан му рекол на Владимир Путин дека е подготвен да му помогне „на кој било начин“ за време на претходно необјавен транскрипт од телефонски разговор, дури и му понудил помош во организирањето на преговорите за војната на Русија во Украина. За да ја докаже својата поента, Орбан се споредил себеси со глушец кој му помага на лав, на што рускиот лидер се смеел, според транскриптот објавен од Блумберг.
„Нашето пријателство достигна толку високо ниво што можам да ви помогнам на кој било начин“, му рекол Орбан на Путин во повикот на 17 октомври, според транскриптот од унгарската влада што го видел Блумберг. „На кој било начин што можам да ви помогнам, ви стојам на располагање.“
Споредбата глушец-лав беше референца на позната басна во која мало животно ослободува моќен предатор од стапица откако предаторот го поштедил. Содржината на повикот, кој траел помалку од 15 минути, не е објавена претходно и дава редок увид во тонот и суштината на директната комуникација на двајцата лидери.
Централна тема на разговорот беше можноста Унгарија да биде домаќин на состанок на високо ниво меѓу Русија и САД. Орбан изрази подготвеност да помогне во подготовката на таков самит во Будимпешта, што во тој момент се разгледуваше.
Путин, според транскриптот, го изложил можниот пат кон состанокот, почнувајќи со прелиминарни разговори меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио. Рускиот лидер, исто така, предложил вклучување на унгарскиот министер за надворешни работи во процесот.
Путин ја опиша Унгарија како една од ретките европски земји кои имаат право на вакви разговори, истакнувајќи дека тоа е „можеби единствената“ одржлива опција во околностите.
Разговорот, исто така, откри висок степен на меѓусебно почитување. Орбан го опиша својот однос со Путин како таков што се продлабочил со текот на времето, додека рускиот лидер го пофали „независниот и флексибилен“ став на Унгарија за војната во Украина.
Разговорот започна со честитка на Орбан за роденденот на Путин, а заврши со личен тон, со краток разговор за здравјето и секојдневните рутини на двајцата лидери. Лице запознаено со случајот ја потврди за Блумберг автентичноста на транскриптот.
Иако предложениот самит во Будимпешта на крајот не се одржа, разговорот ја нагласува подготвеноста на Унгарија да се позиционира како посредник во разговорите со Русија, дури и кога повеќето европски земји се дистанцираат од Москва.
Овој увид во приватните комуникации доаѓа во време кога Орбан јавно вети дека ќе го блокира европското финансирање за Украина. Оваа позиција, рече тој, ќе остане на сила сè додека Киев не го врати протокот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, опишувајќи ја ситуацијата како политички избор на украинските власти, а не како технички проблем.
Следниот викенд ќе се одржат изборите каде, според анкетите, Орбан би можел да ја изгуби власта во Унгарија по 16 години. Тој ја сведе целата изборна кампања на напади врз Украина и Володимир Зеленски.
