Американскиот претседател Барак Обама ги повика лидерите од западни држави повеќе да се ангажираат во борбата против еболата, соопшти Белата куќа.
Обама на видео-конференција ги повика лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија да покажат повеќе посветеност во глобалната борба за спречување на ширењето на епидемијата на смртоносниот вирус од кој досега живот загубија речиси 4.500 луѓе.
Претходно, Советот за безбедност на ОН предупреди дека еболата е закана за меѓународниот мир и безбедност и апелираа до членките на ОН и хуманитарните организации да ги забрзаат и значително да ги зголемат ресурсите за борба против еболата вклучувајќи и парични донации. Ова е првпат ОН да основаат мисија за некоја здравствена криза во светот.
СЗО соопшти дека досега од вирусот на ебола починале 4.493 луѓе додека во седум држави регистрирани се вкупно 8.997 случаи на зараза со вирусот.
Во САД втора медицинска сестра се зарази со ебола лекувајќи го пациентот кој почина од таа болест. Имено, таа патувала со авион еден ден пред да се појават кај неа симптомите од болеста, соопштија американските власти.
Поради тоа, американскиот Центар за контрола и превенција на болести се обидува да стапи во контакт со 132 патници од авионот на компанијата „Фронтиер Ерлајнс“, кои на 13 oктомври летале од Кливленд за Далас.
Медицинската сестра Амбер Винсон од тексашката Презвитеријанска болница, која го негувала Томас Ерика Данкан, првиот пациент кој во САД почина од ебола, беше изолирана веднаш откако доби висока темепратура .
Данкан почина на 8 октомври, а болницата во неделата објави дека Нина Фам, една од сестрите кои се грижеле за него, е инфицирана од вирусот на ебола.
Министри за земјоделие од западноафрикански држави кои се во центарот на епидемијата со ебола, сметаат дека само финансиска помош и глобално договорени напори ќе спречат здравствената криза да прерасне во криза за храна.
Во Сиера Леоне, каде илјадници луѓе се заразени од опасниот вирус, а над 900 починаа, 40 отсто од фармерите не ги обработуваат нивите. Министерот за земјоделие Џозеф Сам Сасаи вели дека прогнозите за економски раст во државата биле над 11 отсто, но сега очекува да се намали на три отсто.
Либерискиот министер за земјоделие Флоренс Ченвет изјави дека се загубени инвестиции од милијарди долари и оти земјоделството е во многу тешка состојба.
Главна тема на американските медиуми денеска е се поголемиот страв од ширењето на вирусот на ебола во САД откако и втора медицинска сестра која била во тимот за лекување на починатиот од ебола во болница во Тексас, беше заразена.
Додека здравствените власти се обидуваат да објаснат како двете медицински сестри во Далас се заразени со ебола, психолози се повеќе укажуваат на друг вид зараза, чии симптоми варираат од зголемен страв за појавување на јавни места до целосна хистерија, објави Њујорк тајмс.
До моментот одделенијата не се преполни со луѓе уплашени дека се заразени со ебола, и никој не се крие во подруми и не трупа заллихи од храна за да се изолира. Несомнено, случувањата од минатата недела ги зголемија стравувањата во јавноста особено по изјавата на д-р Томас Фридан, директор на Националниот Центар за контрола и превенција на болести, дека првичното третирање на првиот дијагностициран случај на ебола во САД било неадекватно.
Експерти по социјална психологија тврдат дека во следните две недели ќе бидат решавачки за справување со паниката која добива на интензитет.
– Властите треба да бидат многу внимателни бидејќи ако довербата почне да се уништува, следниот пат тие ќе кажат да не стравуваш, ти ќе стравуваш и тоа уште повеќе, вели психологот Пол Словик за Њујорк тајмс.
Еболата почна како нешто многу далечно…Потоа таа се појави во болница во Далас каде еден човек почина и две медицински сестри заболеа. Во средата работите добија друг тек – психолошки откако во државата се појавија стравувања дека заканата од вирусот може да ја наруши економијата, здравствениот систем, па дури и секојденвниот живот, наведува Вашингтон пост.
Откако здравствените власти објавија дека медицинската сестра патувала со авион од Кливленд до Далас, ден пред да пројави први симптоми на болеста, еболата веќе на на чекор од тоа да се претвори во голема паника за САД, додава весникот.