Американскиот претседател Барак Обама најави дека ќе побара реформа на програмата за разузнавачки надзор на Интернет и телефонските комуникации кои изминатите месеци предизвикаа бурна полемика во САД.
Обама на прес конференција истакна дека ќе биде воспоставен поголем надзор над програмите на Националната незбедносна агенција и како еден пример наведе формирање надворешна комисија составена од поранешни разузнавачки лица, претставници на организации за заштита на човекови права и правници кои ќе следат детали од програмата.
– Не е доволно само јас како претседател да верувам во тие програми туку и американскиот народ треба исто така да верува во нив, изјави Обама.
Тој најави и објавување анализа на Министерството за правда со законско образложување на програмата за надзор која во јуни ја откри поранешниот соработник на НСА и ЦИА, Едвард Сноуден.
Обама истакна дека Сноуден не е патриот заради тоа што открил програми што ги користи Владата за надзор на Интернет.