Обама подготвува косовско решение за Сирија

Од:

Американскиот претседател Барак Обама подготвува воздушна кампања против Сирија, по наводниот напад со хемиско оружје во близината на Дамаск, во кој се проценува дека се убиени стотици, а веројатно и над илјада цивили, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Повеќе извори во администрацијата на Обама вчера најавија дека претседателот е блиску до одлука за напад врз Сирија, во кој би се користеле воздухопловни, но не и копнени сили, по примерот на американската војна против Србија во 1999 година.

Секретарот за одбрана Чак Хејгл, кој е во посета на Малезија, изјави дека Секретаријатот за одбрана распоредува морски сили во близината на Сирија, со цел да му даде можност на претседателот да ја употреби и воената опција, доколку донесе таква одлука.

– Секретаријатот за одбрана има обврска да му овозможи на претседателот да има опција за сите случаи, изјави Хејгл.

САД неодамна го упатија носачот на авиони Хари Труман, кој долго време беше вкотвен во базата Норфолк поради немање доволно средства за полнење на нуклеарните реактори со гориво, да ја преземе патролата во источниот средоземен регион и Персискиот Залив.

Дополнително, повлекувањето на разурнувач во базата во Неапол било одложено и бродот е оставен во близина на Сирија, заедно со друг разурнувач, двата вооружени со крстосувачки проектили „томахок“.

„Њујорк тајмс“ пишува дека на три и пол часовната средба на Обама со високи безбедносни функционери во Белата куќа била разгледувана интервенцијата на претседателот Бил Клинтон во Косово, од воена, но и од дипломатска гледна точка.

Паралелите кои тимот на Обама ги гледа се во тоа што, како и на Косово, цивили биле загрозени, а Србија, како и Сирија денес, ја имаше поддршката на Русија, поради што САД мораа да нападнат без согласност на Советот за безбедност на Обединетите нации.

– Прерано е да даваме правни објаснувања за акцијата имајќи предвид дека претседателот се уште не донел одлука. Но, се разбира, Косово е преседан кој е можеби сличен, изјавил висок извор од администрацијата на Обама за „Њујорк тајмс“.

Од друга страна, политичарите и воените експерти во САД покажуваат малку интерес за интервенција во која би се вклучиле и копнени сили.

Нападот врз цивили во неколку предградија на Дамаск во средата, во кој се претпоставува дека било употребено хемиско оружје, стави силен притисок врз американскиот претседател да ја исполни заканата дека, употребата на вакво оружје за него претставува црвена линија, која режимот на Башар ал Асад не смее да ја премине.

Обама побара време за испитување на сите факти во врска со нападот. Телевизијата Ен-Би-Си соопшти дека американските разузнавачи забележале активност во сириски армиски постројки во кои се претпоставува дека се чуваат бојните отрови, кусо време пред нападот околу Дамаск.

Од друга страна, Русија обвинува дека нападот бил провокација извршена од страна на бунтовниците кои се борат против сирискиот диктатор Асад.

Во меѓувреме, новата американска амбасадорка во Обединетите нации Саманта Пауер се соочи со критики поради нејзиното отсуство од седницата на Советот за безбедност на ОН, свикана по нападот кај Дамаск.

Пауер била на приватно патување во родната Ирска за време на седницата на Советот за безбедност, која беше свикана во средата, на американско барање.

Стејт департментот ги отфрли прашањата дали Пауер, која неодамна беше именувана на функцијата, била на одмор во Ирска и дали со нејзиното отсуство САД можат ефикасно да се справуваат кризата во Сирија, каде граѓанската војна беснее повеќе од две години.

Би можело да ве интересира

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Медведев: Америка нема корист од мирот во Украина

На средбата со Бајден, Си оцени: Односите меѓу САД и Кина останаа стабилни

Горан Наумовски

Песков: Русија и САД имаат многу проблеми

Горан Наумовски

САД потврди дека севернокорејските војници сега активно се борат заедно со руските сили против Украина

Претставник на американската влада обвинет за објавување информации за планот на Израел за напад на Иран