Американскиот претседател Барак Обама за време на својата посета на Шведска на 4 и 5 септември ќе учествува на нордиско балтички самит, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Според дипломатски извори, Обама во Стокхолм ги поканил шефовите на влади на нордиските и балтичките земји, а по посетата на Шведска американскиот претседател ќе учествува на самитот на Г-20 во Санкт Петерсбург.
Овие податоци, што ги соопшти балтичката новинска агенција БНС, се уште не се официјално потврдени, но, според финскиот јавен сервис ИЛЕ, Владата на Естонија има добиено покана за самитот во шведската престолнина.
Шведскиот државен врв изрази задоволство од одлуката на Обама да ја посети Шведска, откако ја откажа претходно планираната средба со Путин поради аферата Сноуден. Тоа ќе биде прва билатерална посета на еден актуелен американски претседател на Шведска.
Шефот на шведската дипломатија Карл Билд напиша на Твитер дека посетата на Обама претставува израз на „вистински добри односи“.
Посетата на Обама на Стокхолм ја поздрави и водечката шведска опизициска партија на социјалдемократите.
Но лидерот на шведските социјалдемократи Стефан Лофен истакна дека ќе бара од премиерот Фредрик Раинфелд во разговорите со Барак Обама да бидат покренати тешки прашања како што се затворањето на затворот Гвантанамо, како и потребата од меѓународна регулатива за користењето на беспилотни летала.