Американскиот претседател Барак Обама им порача на своите бирачи дека неговиот пат ќе биде тежок, но дека ќе доведе до економска обнова на земјата.
Во говорот на Националната конвенција на Демократската партија во Шарлота истакна дека гласачите во САД на ноемвриските избори се наоѓаат пред два различни правци. Според него, тој и републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни имаат фундаментално различни погледи на иднината на Америка.
„Нема да ви кажам дека патот кој јас го нудам е лесен и брз. Никогаш тоа и не сум го кажал и вие не ме избравте да ви го говорам тоа што сакате да го чуете, туку да ви ја кажам вистината. Ќе биде потребно повеќе од само неколку години да се поправи состојбата во американската економија“, изјави Барак Обама.
Како цели кои ги има поставено пред себе во случај да добие уште еден мандат, Обама ги наведе – намалувањето на факултетската школарина за 50% во наредните 10 години, отворање на нови милион работни места во производството, дуплирање на американскиот извоз до крајот на 2014-та година и дупло помал увоз на нафта до 2020-та година.