Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон изразија загриженост поради „се поголемите индикации“ дека сирискиот режим употребил хемиско оружје против сопствениот народ.
– Двајцата се исклучително загрижени поради нападот извршен во Дамаск во средата, како и поради се поголемиот број индикации дека тоа бил напад со хемиско оружје, извршен од сирискиот режим против сопствениот народ, изјави портпаролот на Дејвид Камерон.
Според портпаролот двајцата побарале од своите соработници да бидат испитани сите опции, како и дека употребата на хемиско оружје бара сериозен одговор на меѓународната заедница.
Подоцна и Белата куќа соопшти дека Обама и Камерон разговарале за ситуацијата во Сирија и дека двајцата изразиле длабока загриженост поради наводите дека сирискиот режим употребил хемиско оружје против цивили.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека двајцата лидери ќе бидат во контакт поради консензус во однос со наводните напади со хемиско оружје во близина на Дамаск.
Обама одржа и состанок со тимот за национална безбедност, по што беше соопштено дека американските разузнавачки агенции се уште собираат докази за утврдување дали во нападот во близинa на Дамаск било употребено хемиско оружје.
Според претставници од тимот Обама ќе одлучи за следните чекори во однос на Сирија кога сите факти ќе бидат јасни.
На состанок на тимот за национална безбедност биле разгледани сите опции како би можело да се одговори доколку се покаже дека сирискиот режим употребил хемиско оружје против својот народ.
Обама се сретна со истакнати советници, меѓу кои потпретседателот Џозеф Бајден, советникот за национална безбедност Сузан Рајс и директорот на ЦИА Џон Бренан.