Претставничкиот дом на Конгресот на САД, кој е под контрола на опозициските републиканци, го одобри вчера предлог-законот за буџетот за одбраната во износ од 585 милијарди долари, со што претседателот Барак Обама доби овластување да ја прошири американската акција против екстремистите од Исламска држава во Ирак и Сирија.
Законот беше одобрен до 300 гласа „за“ и 119 „против“, а со него се предвидени средства за американските сили, како и за бродови, авиони и друга борбена опрема од домашно производство.
Законот сега треба да биде одобрен и во Сенатот, а гласањето се очекува да биде следната недела.
Со законот се предвидуваат пет милијарди долари за интензивирање на воздушните напади и испраќање на уште 1.500 американски војници за операцијата против ИД. За уште две години се продолжуваат и овластувањата на Пентагон за обука и опремување на умерените сириските бунтовници за борба против силите на претседателот Башар ал Асад.
Некои од пратениците сепак изразија загриженост, бидејќи сметаат дека американската војска по години војна во Авганистан и Ирак, се впушта во уште еден вооружен судир.