Новиот тип на коронавирус, потврден во Велика Британија и во уште неколку европски земји, веќе е скоро сигурно присутен во поголемиот дел од континентот, тврдат британски научници.
Ова го потврди Нил Фергусон од Империјал колеџ во Лондон, во неговото обраќање пред Комитетот за наука и технологија на Долниот дом на британскиот Парламент, заедно со други експерти од Советодавната група за нови респираторни вирусни закани (NERVTAG), кој ја советува Владата.
„Јас сум речиси сигурен дека овој вирус е присутен во повеќето, ако не и во сите, европски земји во овој момент,“ рече Фергусон за новиот сој на вирусот.
Професорот Питер Хорби од Универзитетот во Оксфорд рече дека е фер да се каже оти земјите со поразвиена и поригорозна наука се потранспарентни со важни информации што ги ставаат на располагање на другите.
Велика Британија истражуваше 45 отсто од сите генетски кодови на коронавирусот во светот и сè уште не е сигурно дали новиот вид потекнува од југоистокот на Англија или само за првпат бил откриен таму.