Новиот лондонски весник „Њу Деј“ престанува да излегува, по само девет недели од неговото појавување на британскиот пазар на печатени медиуми, соопшти денеска неговиот издавач, новинската компанија „Тринити мирор“.
Компанијата веќе ги издава познатите лондонски весници „Дејли мирор“ и „Мирор оф Сандеј“ кои важат за блиски до британските лабуристи, како и неделникот „Пипл“ а „Њу деј“ го покрена во февруари оваа година.
Во соопштението на компанијта се вели дека неговиот продаден тираж бил „понизок од сите очекувања“ на компанијата, па е одлучено утре весникот за последен пат да се појави на домашниот пазар.
– Верувавме дека на почетокот ќе се продаваат по 200 илјади примероци дневно, но се продаваа едвај 40 илјади, се вели во соопштението на „Тринити мирор“.
Најголемиот број од неговите 25 вработени ќе останат без работа, со тоа што дел од нив подоцна ќе можат да се вработат во некои од другите изданија на оваа компанија.
„Њу деј“ беше замислен повеќе како весник со осврти, отколку како весник во кои доминираат вестите. Тој беше најавен како политички неутрален и се веруваше дека на британскиот пазар недостасуваат вакви изданија.
Весникот беше првото ново печатено издание по 2010 година, кога се појави таблоидкста верзија на „Индепендент“ весникот „И“ но пред еден месец овие два весника престанаа да се појавуваат на пазарот и сега постојат како интернет изданија.
Фијаското на „Тринити мирор“ со весникот „Њу Деј“ предизвика денеска пад на вредноста на акциите на компанијата на лондонскта берза.