Новиот шеф на американската агенција што ги надгледува радиодифузерите финансирани од владата, вклучително и „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“, го почна мандатот со големи потреси и отпуштања, со што во дел од јавноста предизвикува стравувања од политизација на овие медиуми.
Новиот директор на американската Агенција за глобални медиуми (USADM), Мајкл Пак, според дел од либералните медиуми, повлекол потези што предизвикуваат загриженост дека функционерот, кој е назначен од претседателот Доналд Трамп, ќе се обиде да стави крај на уредничката независност на Радио Слободна Европа / Радио Слобода, Радио Слободна Азија, Mрежи за радиодифузија на Блискиот исток, Глас на Америка и Радио и ТВ Марти.
Директорката на Гласот на Америка, Аманда Бенет и заменик директорот Сенди Сугавара, двајцата новинари-ветерани, ги доставија оставките во понеделникот, додека Пак уште се подготвуваше да ги преземе должностите.
Пак вчера ги разреши првите луѓе на другите медиуми и ги распушти надзорните одбори на организациите.
Агенцијата, која е финансирана од Владата, но структурирана да работи со уредничка независност и им служи на земјите во кои нема слободни медиуми, не одговори на барањето на медиумите за коментар.
Но, законодавци и експерти за слобода на медиумите изразија тревога дека медиумите би можеле да станат алатки на Трамп, кој подолго време е во „војна“ со добар дел од мејнстрим-гласилата.
„Мајкл Пак потврди дека е во политичка мисија да ја уништи независноста на УСАГМ и да ја поткопа неговата историска улога,“ рече сенаторот Боб Менендез, демократ од Њу Џерси.
„Отпуштањата на главните на тие мрежи и распуштање корпоративни одбори за инсталирање на политички сојузници на претседателот Трамп е огромно кршење на историјата и мисијата на оваа организација од кое никогаш не може да се закрепне“.
Џенет Стил, директорка на Институтот за јавна дипломатија и глобална комуникација на универзитетот „Џорџ Вашингтон“, исто така изрази загриженост за иднината на медиумите.
„Отпуштањето на главните на тие медиуми ги потврдува најлошите стравови на оние од нас кои веруваа дека назначувањето на Мајкл Пак е дел од обидот да се претвори УСАГМ во меѓународната пропагандна рака на администрацијата на Трамп,“ рече Стил.
„Белата куќа во април ја обвини ВОА за ширење на кинеска „пропаганда“ за пандемијата на коронавирусот и им наложи на американските здравствени службеници да одбијат интервјуа за новинската организација,“ изјави Бенет.