Новиот британски престолонаследник, синот на принцот Вилијам и на неговата сопруга, војвотката Кетрин „Кејт“ Мидлтон, се уште нема име, потврди среќниот татко во куса изјава пред лондонската болница „Сент Мери“.
На репортерите на Би-Би-Си, Вилијам им порача дека се уште не се одлучиле за името на бебето. – Чекајте, па ќе дознаете, изјави принцот Вилијам, низ насмевка со бебето во неговите раце.
Два дена старото бебе не е обично новороденче, затоа што тоа со своето раѓање веднаш стана третиот по ред претендент на британскиот престол, по неговиот дедо, престолонаследникот Чарлс и таткото, принцот Вилијам. Затоа иако нема име, веќе му е определена официјалната титула.
Синот на војводата и на војводката од Кембриџ, стана „неговото кралско височество, принцот (па следи името што ќе се избере) од Кембриџ“.
Кај британските обложувалници, најголем фаворит за име е Џорџ. Тоа е име на неколку англиски и британски кралеви, како и на дедото и таткото на кралицата Елизабета. Нејзиниот дедо, Џорџ Пети, последниот крал на Велика Британија и Ирска, ја водеше својата земја во Првата светска војна, додека таткото на сегашната кралица, кралот Џорџ Шести, беше на престолот во текот на Вторатата светска војна.
Светецот, Сент Џорџ (Свети Ѓорѓи) е светец-заштитник на Англија, на Англичаните и на англиското знаме, па разбирливо е што името Џорџ, за новорденото кралско бебе, е фаворит во домашната јавност.
Покрај ова машко име, меѓу најпопуларните се и Џејмс, име кое го носеле повеќе кралеви во британската историја, како и Александар, Алберт и Алфред.
Определувањето има за бебето може да се оддолжи. Во 1982 година, за името Вилијам, синот на принцот Чарлс и принцезата Дијана, се чекаше седум дена, додека во 1948 година за името на првиот син на кралицата Елизабета и нејзиниот сопруг, принцот Филип, сегашниот престолонаследник Чарлс, се чекаше еден месец.
Младите родители, Вилијам и Кејт, со свето бебе синоќа заминаа од болницата каде мајката се породи, за својот дом во лондонската Кенсингтонска Палата, бурно поздравени од насобраните луѓе и од репортерските екипи кои со часови чекаа, за прв пат да го видат бебето кое ќе биде крал.