Усовршената верзија на најпопуларниот спортски автомобил со отворен покрив – Мазда МХ-5 од оваа есен ќе се најде и во европските продажни салони, најави денеска оваа компанија.
Со подобри безбедносни и технички карактеристики, со нови детали во екстериерот и ентериерот двете верзии на моделот, со тврд и мек покрив, сега се уште поатрактивни.
Степенот на вбризгување гориво не е повеќе директно поврзан со движењето на педалата за гас на модселите со рачен менувач, така што се зголемува чувството на линеарното забрзување.
На овој начин на возачот му се овозможува поголема контрола кога ја зголемува брзината на излезот од остри кривини, типични за некој планински пат.
Усовршен е и серво уредот на сопирачките, со што се оптимизира контролата на сопирањето, што е посебно добро кога возачот сопира при влегување во кривина.
„Мазда“ овојпат промовира и „активна хауба“, систем за поголема безбедност на пешаците, бидејќи хаубата автоматски се подигнува доколку се детектира потенцијален судар со пешак.