Нова молдавска Влада положи заклетва по ноќешниот упад на демонстрантите во Парламентот

Од:

Новата молдависка Влада, ноќеска, на затворена церемонија положи заклетва, информира Би-Би-Си. Тоа се случи откако демонстрантите, кои го блокираа Парламент, ноќеска на кратко успеаја да упаднат во зградата на законодавниот дом.

Нов премиер е демократот Павел Филип, чија кандидатура беше причина за големите протести на молдависката опозиција.

Претседателот Николае Тимофти, кој присуствуваше на церемонијата, ја увери Владата во својата поддршка и изрази надеж дека овој кабинет, формиран по „долгиот период на политичка нестабилност, ќе умее да ја извади земјата од кризата“. Тимофти ги повика граѓаните да се откажат од насилните средства кои нема да помогнат во подобрување на ситуацијата и да ги почитуваат законите, „независно од своите политички определби“, пренесе ТАСС.

Непосредно пред положување на заклетвата на новата Влада беше соопштено дека е стабилизирна ситуацијата околу Парламентот, во кој синоќа упаднаа демонстрантите.

-Молдавија има потреба од економска и финансиска стабилност за да може државата да ги исполни своите социјални обврски. Под итно треба да се обнови дијалогот со партнерите во областа на развојот и со меѓународните финансиски институции, рече Тимофти.

Во молдавскиот Парламент вчера почна утврдувањето на новата Влада, што опозицијата го сметаше за незаконско. За време на гласањето пратениците од социјалистичката партија се обидоа да ја блокираат седницата. Потоа дел од демонстрантите, кои го имаа опколено Парламентот, го пробија полицискиот кордон и упаднаа во зградата.

Полицијата успеа веднаш да ги потисне, но тие повторно влегоа во зградата. Откако беа повикани дополнителни полициски сили, демонстрантите беа конечно потиснати.

Во судирите се повредени шестмина полицајци, информираа американските медиуми.

Според молдавското радио, и полицајците и демонстрантите употребиле солзавец, а демонтратните успеале да запалат и дел од зградата на Парламентот.

-Учесниците во нередите ќе бидат казнети, рече денеска претседателот на Парламентот, Андриан Канду.

Некои од демонстрантите сметаат дека новата Влада е компромисно решение и нема да се справи со корупцијата и да ги изведе потребите реформи. Други, пак, се против формирањето на проевропска Влада и сметаат дека Молдавија треба да остане во руската сфера на влијание.

Новиот премиер Павел Филип е поранешен министер за технологии. Неговиот кабинет, што е сметан за проевропски, синоќа беше одобрен со 57 гласа „за“ во 101-члениот Парламент.

Проруската опозиција го бојкотираше гласањето.

Филип изјави дека ќе се држи до курсот за европска интеграција на Молдавиа кон ЕУ, со која во 2014 година ја потпиша спогодбата за асоцирање.

Според изборниот закон, молдавскиот Парламент до 29 јануари требаше да ја одобри новата Влада, бидејќи во спротивен случај ќе требаше да се распушти и да се закажат нови избори. Оставката на претходната Влада беше усвоена во октомври на одгласите за корупција.

Би можело да ве интересира

ЦИК на Молдавија: Маја Санду го освои вториот мандат

Горан Наумовски

ВИДЕО: Се затресе силно и во Молдавија, снимена реакцијата на претседателката Санду

Предраг Петровиќ

Украина и Молдавија официјално ги отворија пристапните преговори со ЕУ

Горан Наумовски

Русија ги отвори избирачките места за претседателските избори во отцепениот регион на Молдавија

Горан Наумовски

Молдавскиот архимандрит Јероним пронајден во локва крв, неговиот убиец е пронајден мртов во шума

Горан Наумовски

Естонија и Молдавија избраа евровизиски претставници

А1он