За новинарите на париски „Монд“ станува навика нивните телефонски разговори да бидат прислушувани од страна на полицијата.
Полицијата по наредба на еден судија повторно ги испитуваше телефонските повици на двајца новинари на угледниот француски весник во една банална новинарска афера.
Според текстот објавен во денешен „Монд“, истражните органи отишле предалеку бидејќи сите телефонски разговори на новинарот биле прислушувани еден месец, но три години по направениот прекршок.
Аферата е стара, таа датира од 2009 година, но новинарите на „Монд“ дознаа за неа на почетокот на јули, кога им беше дозволен увид во досието. Пјотр Смолар и Жерар Даве на 21 март 2006 година во весникот објавија една долга новинарска истрага насловена „Убиството на Илан Халими: раскажано од неговите измачувачи“.
Илан Халими е младиот човек кој беше затворен и измачуван цели три недели на почетокот на 2006 година во една визба во парискиот регион, само поради тоа што бил евреин и неговоот тело беше пронајдено на 13 февруари 2006.
Во статијата првпат во јавноста беа пренесени изјавите на одговорните за убиството, меѓу нив и на нивниот шеф Јусуф Фофана, а новинарите не криеја дека таа е напишана врз основа на сослушувањата изврпени од полицијата.
Еден од обвинетите, Самир Аит Абделмалек, кој во 2010 беше осуден на 15 години затвор, во 2006 година поднесе тужба за „кршење на доверливоста на полициската истрага“.
Судот отвори истрага за кршење на доверливоста во септември, а полицијата побара детален извештај за сите телефонски разговори на двата новинари меѓу 15 февруари и 25 март 2006 година и се интерсираше за датумите кога адвокатите на Фофана го добилеа досието.
Судијата се сомнева дека адвокатот и новинарите подготвувале заедничка верзија за случајот и даде наредба за прислушување на новинарот Жерар Даве, кој тврди дека видел елементи од досието, но немал копија.
Потоа полицијата ги прислушуваше сите телефонски разговори на новинарот во текот на цел еден месец, во моментот кога тој работеше на чувствителни афери. Не биле поштедени ниту приватните разговори со неговата сопруга, исто така адвокат и исто така заштитена со професионална тајна за нејзините извори и досиеја.
Даве преку својот адвокат и истовремено адвокат на „Монд“, подготвува барање за поништување на целата постапка, пред да поднесе тужба за кршење на правото за „тајност на изворот“.