Нов спор за Фолкландските Острови – Аргентина ѝ се заканува на Велика Британија

Од:

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј го заостри спорот со Велика Британија околу Фолкландските Острови и предупреди дека ќе воведе економски санкции за компаниите што експлоатираат нафта во близина на оваа британска прекуморска територија. Во обраќањето до нацијата, Милеи изјави дека „ветровите на промените“ им одат во прилог на аргентинските претензии кон островите. Тој додаде дека е охрабрен од сигналите оти САД би можеле да ја преиспитаат својата неутралност по ова прашање, пренесува BBC News.

Милеј го објави планот за санкции во претседателската палата, опкружен со членови на својот кабинет. Тој повтори дека Фолкландските Острови – кои Аргентина ги нарекува Малвини – се „историски и правно“ аргентински. Клучниот дел од неговото обраќање се однесува на предлог-законот што го испраќа до парламентот, а кој предвидува воведување санкции за енергетските компании што планираат истражување на нафта во близина на островите.

Нафтеното поле „Си Лајон“ (Sea Lion), кое Милеј го смета за „јасна и непосредна опасност“, се наоѓа на околу 210 километри од островот и се проценува дека содржи 1,7 милијарди барели нафта. Две компании – британската „Рокхопер експлорејшн“ (Rockhopper Exploration) и израелската „Навитас петролеум“ (Navitas Petroleum) – треба да започнат со експлоатација таму во следните две години, што Милеи сака да го спречи.

„Рокхопер“ го опиша полето како извор на „сурова нафта за која постои голема побарувачка“.

Во видеоснимка објавена претходно оваа година, „Навитас“ ги прикажа активностите што веќе ги спроведува на Фолкландските Острови, вклучувајќи изградба на пристанишен терминал, хелиодром и сместувачки капацитети за работниците.

„Ако не реагираме брзо, за неколку месеци тие ќе ја имаат техничката способност да пристапат до нафтата под нашето море, што е нешто што никогаш претходно не се случило“, рече Милеи.

Сè уште не е јасно како и во која мера ќе се спроведуваат санкциите. Аргентина веќе има закон што ѝ овозможува да ја ограничи работата на нафтените компании во проекти што државата ги смета за неовластени.

Британската влада, контактирана од Би-би-си за коментар, оваа недела повтори дека жителите на Фокландските Острови се „Британци кои имаат право сами да одлучуваат за својата иднина“. На референдумот во 2013 година, жителите на островите поддржаа останување под британска власт со 99,8 отсто од гласовите, а само тројца гласаа против.

Милеј исто така најави изградба на поморска база во Огнена Земја (Тиера дел Фуего) на југот на Аргентина и изјави дека Трамп и САД „го преиспитуваат својот историски став кон Фокландските Острови“.

Неговиот оптимизам се заснова на неодамнешните изјави на поранешниот американски претседател. Прашан дали САД би ѝ помогнат на Британија во случај на спор, Трамп за „ГБ Њуз“ (GB News) изјави дека Британија „не била таму за да му помогне“ во војната со Иран. Претходно, тој исто така изјави дека САД би можеле да ја променат својата неутрална позиција за суверенитетот на островите доколку Британија не ги зголеми трошоците за одбрана.

„Ова не се празни зборови бидејќи тие разбираат дека Аргентина е сигурен партнер и вреден сојузник во децениите што доаѓаат“, рече Милеј, опишувајќи ја Британија како нација „во опаѓање“. Неколку часа пред неговиот говор, високата функционерка на Стејт департментот, Сара Роџерс, објави фотографија со Милеј со натпис: „Возбудливи работи се случуваат на западната хемисфера“.

Суверенитетот над архипелагот во југозападниот дел на Атлантикот останува спорно прашање, повеќе од 40 години по војната. Аргентинските сили се истоварија на Фокландските Острови во 1982 година за да го потврдат своето право на територијата, предизвикувајќи конфликт што траеше 74 дена, во кој беа поразени од британската војска.

Во војната загинаа 255 британски војници, тројца жители на островите и 649 аргентински војници. Тензиите меѓу двете земји се присутни и денес, а еден од примерите се случи за време на Светското првенство, кога аргентинските фудбалери ја прославија победата над Англија веејќи транспарент со кој се поддржуваше аргентинскиот суверенитет над островите.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Хаос во Аргентина по поразот во финалето, најмалку 15 уапсени

Аргентина ја елиминира Англија со спектакуларен камбек и се пласираше во финалето на Светското првенство

Нереален пресврт за „гаучосите“: Аргентина го победи Египет во драматичен натпревар и се пласираше во четвртфиналето

Горан Наумовски

Трагедија: Сопругата и децата на аргентински фудбалер пронајдени мртви по разорниот земјотрес во Венецуела

Аргентина до САД испрати список: 13.000 татковци што не плаќаат алиментација нема да можат на стадионите

(ВИДЕО) Пукање во училиште во Аргентина – убиен е 13 годишник, осум ученици се ранети

А1он