Малата каталонска сепаратистичка партија Кандидатура за народно единство (ЦУП) соопшти дека ќе се воздржи од денешното гласање за избор на претседател на регионалната Влада на Каталонија, со што се отвора пат каталонскиот Оарламент, по неуспешниот обид во саботата, да го избере на оваа функција сепаратистичкиот кандидат Жоаким „Ким“ Тора.
На Ким Тора, кој е близок соработник на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон, во саботата му недостасуваа само два гласа за да го добие потребното мнозинство за избор, поради што денеска гласањето се повторува, но сега за да биде избран му е доволно и просто мнозинство гласови.
Доколку четворицата пратеници на ЦУП бидат воздржани на гласањето, Тора ќе обезбеди просто мнозинство неопходно за избор, со што ќе се заврши повеќемесечната политичка парализа на Каталонија.
Ако пак Парламентот денеска не избере нов претседател на Владата, најверојатно ќе бидат распишани нови превремени избори.