Канада и северот на САД ги зафати нов бран студови, а метеоролозите велат дека следните неколку денови ќе бидат регистрирани екстремно ниски температури и поларен студ.
По викендот со многу снег и смрзнат дожд, на аеродромите во Торонто и Монтреал ситуацијата е тешка, бидејќи десетици летови се откажани, а стотици доцнат.
Канадските власти ги предупредија жителите на неколку покраини на заладувањето коешто надоаѓа, повикувајќи ги да ги преземат сите неопходни мерки поради температурите коишто ќе се спуштат и под минус 20 Целзиусови степени. Во понеделникот екстремно студено беше на истокот од Квебек, во Нова Земја, Нов Брансвик, централно Онтарио, Манитоба и во Алберта.
Во понеделникот температурата во Отава се спушти на минус 18 Целзиусови степени, во Винипег се измерени минус 23, додека во Грин Беј во американската сојузна држава Висконсин минус 19, а во Чикаго минус 17 Целзиусови степени.
Временските услови ќе се влошат во вторник и во следните неколку денови. Делови од Канада и од САД ќе бидат зафатени од обилни снежни врнежи и уште пониски температури.
„Арктичкото воздушно струење ќе го зафати Квебек каде што температурата со влијание на ветрот ќе се спушти на минус 38, а некаде и до минус 45 Целзиусови степени“, се истакнува во предупредувањето издадени од канадските власти