Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси го ратификува законот за борба против тероризмот, кој предвидува големи казни за новинари, кои објавуваат информации спротивни на официјалните извештаи во случај на напади.
По убиството на главниот обвинител Хишам Баракат во атентат на 29 јуни, Сиси најави построги закони за борба против тероризмот. Досега никој не презеде одговорност за убиството на Баракат.
Атентатот против главниот обвинител беше проследен на 1 јули со серија џихадистички напади против војници на Синајскиот Полуостров. Тогаш армијата соопшти за 21 убиен војник, но според медиумите бројката на загинати војници била поголема.
Новиот закон за борба против тероризмот предвидува казна од 200.000 до 500.000 египетски лири, меѓу 23.000 и 58.000 евра за секој, што ќе објави неточни информации за напади или за операции против исламски борци. Првично текстот предвидуваше минимум две години затвор, но тоа беше повлечено по жесток протест на новинарите. Законот, исто така, предвидува создавање на нови судови и затвор од пет години до смртна казна за луѓе, кои се прогласени за виновни за создавање, раководење или финансирање на терористичка организација.
Противниците на законот сметаат дека ваквите казни може да доведат до затворање на малиот број весници и да ја ограничат независноста на медиумите.