Само десет години по извршувањето на најсмртоносниот напад во Норвешка, десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик од судот ќе побара условно ослободување, а се очекува судот да го одбие барањето.
Семејствата на жртвите, кои стравуваат дека Брејвик ќе го искористи сослушувањето за да ги промовира своите политички ставови, апелираат да му се ускрати вниманието што го бара.
Од безбедносни причини, општинскиот суд во јужниот регион Телемарк ќе одржи рочиште за барањето на Брејвик во салата на затворот Скиен, каде што тој ја отслужува казната.
Брејвик, кој уби 77 луѓе, во 2012 година беше осуден на 21 година затвор, со можност за неопределено продолжување на казната додека претставува закана за општеството. Во тоа време, тоа беше најголемата можна казна во Норвешка, иако оттогаш законот беше изменет за да се овозможи изрекување подолги затворски казни.
Екстремистот мораше да одлежи најмалку 10 години затвор пред да поднесе барање за условно ослободување.
Брејвик, кој сега има 42 години, уби осум лица во Осло со активирање на камион полн со експлозив пред владините канцеларии на 22 јули 2011 година. Потоа застрела 69 луѓе, главно тинејџери, во летниот младински камп на Лабуристичката партија на островот Утоја. Тоа е најсмртоносниот напад во Норвешка од Втората светска војна.
„Како и во секоја држава каде владее правото, осуденикот има право да поднесе барање за условно ослободување. Брејвик одлучи да го искористи тоа право“, изјави неговиот адвокат Ојстеин Сторви за АФП.