Норвешка ги заострува контролите на своите гранични премини и воведува задолжително носење патни исправи за државјаните на земјите-членки на ЕУ.
Причината за ваквите мерки е подигнување на нивото на готовност во Норвешка пред можни терористички напади.
Според податоците доставени деновиве до норвешката безбедносна полиција ПСТ, група терористи се на пат од Сирија кон Норвешка, објави норвешкиот канал ТВ2.
– Добивме информации за група лица кои тргнале од Сирија со цел да извршат терористички напади во западните земји, при што посебно се споменува Норвешка. Правиме се што можеме за да добиеме потврда за таквите информации, а досега сметаме дека станува збор за веродостојни податоци, вели Јон Фитје Хофман, аналитички шеф при ПСТ за ТВ2.
Терористичките закани против Норвешка се оценуваат како неконкретни, но сепак сериозни. Се уште е нејасно каде и кога е можно извршување на евентуален атентат, а недволно прецизен е и описот на споменатата терористичка група.
Според познатиот шведски експерт за тероризам Магнус Рансторп, се проценува дека 350 државјани од скандинавски земји се приклучиле кон џихадистичката група Исламска држава во Сирија.
– Безбедносната полиција го следи развојот во Норвешка, но моментно се проценува дека засилената слика на терористички закани против Норвешка не влијаат на безбедносната ситуација во Шведска, вели Фредрик Шерхолм, прес-секретар при шведската Државна полициска управа.