Французинот Жан-Пјер Соваж, Британецот Џеј Фрејзер Стодарт и Холанѓанецот Бернард Феринг се овогодишни добитници на Нобеловата награда за хемија поради нивната работа на развојот на молекуларни машини, кои се најмали машини на светот.
– Тие развија молекули во движење што можат да се контролираат и кои можат да извршат определена задача кога ќе им се додаде енергија. Молекуларните машини најверојатно ќе бидат користени за развој на нови материјали, сензори и системи за складирање на енергија, се наведува во образложението на причините за доделување на Нобеловата награда за хемија објавено денеска.
Лауреатите ќе ја поделат Наградата од осум милиони шведски круни (930.000 американски долари) за „дизајн и синтеза“ на овие молекули, соопшти Шведската кралска академија на науките.
Нобеловата награда за хемија е последна од признанијата од сферата на науките што се доделува годинава.
Нобеловите награди ќе бидат официјално врачени на церемонии во Стокхолм и Осло, што ќе се одржат на 10 декември на годишнината од смртта на основачот на нагрдата Алфред Нобел, кој починал во 1896 година.