Владата на Индија денеска го предупреди Пакистан на можноста од „тешки последици“ доколку не престанат „неиспровоцираните гранатирања“ во Кашмир.
Индискиот министер за одбрана Арун Џаитли изјави во Њу Делхи дека Пакистан „ќе плати висока цена“ ако продолжи со нападите.
Ова е досега најострата реакција на официјален Њу Делхи, по најновата ескалација на непријателството во поделениот во со децении тензичниот регион Кашмир, на чија територија претендираат и двете соседни земји.
Најмалку 19 лица досега загинаа на двете страни, откако минатиот петок почна со размена на оган на пакистанската и индиската армија, кои се стационирани по линијата на прекинот на огнот, што ги раздвојува двете земји, а која подолго време се третира како граница.
Единаест Пакистанци и деветмина Индијци се убиени досега во непријателставата што се оценуваат како најжестоки во последните десет години. За сегашната ескалација двете страни меѓусебно се обвинуваат.
Во 2003 година, со меѓуародно посредништво, беше обезбеден прекин на огнот, што досега главно се одржуваше, иако повремено,како сега, армиите на двете земји разменуваат оган.
Гранатирања и престрелки имало и во текот на изминатата ноќ, а индиската страна тврди дека во овој напад на Пакистанците имало осум повредени лица, меѓу кои тројца биле индиски војници.
– Доколку Пакистан продолжи со овој свој авантуризам, нашите воени сили ќе го натераат да плати висока цена, рече Џаитли.
Според индиската Влада, Пакистан се одлучува на вакви „неиспровоцирани напади“ секогаш кога ќе му затреба тоа,за внатрешни или за надворешни потреби.