Невремето на Кјара ги погоди Велика Британија и северна Европа со силни ветрови и пороен дожд, и освен тоа што го одложи воздушниот и железничкиот сообраќај, затвори и пристаништа, одложи фудбалски натпревари и културни настани.
Властите на земјите ги повикаа граѓаните да останат во своите домови и во затворени простори, подалеку од дрва и гранки кои паѓаат на сите страни.
Невремето, именувано според британската метеоролошка служба, донесе силни ветрови од околу 150 километри на час на Белиот остров и селото Абердарон во северен Велс, а некои плажи и карпи целосно исчезнаа во големите бранови.
Метеоролошката служба издаде повеќе од 250 предупредувања за поплави во Велика Британија и ги предупреди граѓаните и туристите да избегнуваат доближување до водата за да прават селфи.
Жителите на еден град во северозападниот дел на Англија се обидуваат да ги заштитат своите домови од поплави поради зголеменото ниво на реката Еден која се излеа од нејзиното корито.
Најмалку 10 британски железнички компании издадоа предупредувања до патниците да не патуваат, додека 20 компании соопштија дека се очекуваат одложувања.
Ветерот оштети и многу електрични кабли, повеќе железнички пруги се блокирани од гранки што паднале врз нив, и иако вработените во железницата работеа цела ноќ за да и решат проблемите, утрово се очекуваат големи гужви.
На аеродромите во Лондон откажани се повеќе летови, а на аеродромот Хитроу неколку авиокомпании консолидираа летови за да се намали бројот на откажани летови.
„Бритиш ервејс“ понуди повторно да резервира летови на домашни и европски клиенти на аеродромите Хитроу, Гетвик и Лондон Сити.
„Луфтханза“ објави дека летовите ќе бидат откажани најдоцна до вторник наутро.
Летови беа откажани или одложени и на аеродромот во Брисел.
Две големи пристаништа во Ла Манш – Довер во Англија и Кале во Франција го прекинаа сообраќајот поради големи бранови, а Довер подоцна беше делумно отворен.
Фериботите не пловеа преку Ла Манш и во регионот, пред се во Ирското и Северното Море.
Беше затворен и мостот Хамбер во северна Англија, што е вторпат во историјата на тој мост да се затвори.
Дури и кралицата Елизабета Втора направи промени во нејзините вообичаени активности и не присуствуваше на служба во Сандрингам, за да го избегне невремето.
Во Ирска поради невремето немаше електрична енергија, а метеоролошката служба предупреди дека комбинацијата на висока плима и лоши временски услови може да доведе до поплавување на крајбрежјето, пред сè во западниот и северозападниот дел од земјата.
Поради лошото време и северниот дел на Франција остана без струја, а властите на земјата ги предупредуваа граѓаните и туристите да останат во затворени простории заради лична безбедност.
Во Лил и околните области, гробиштата и парковите беа затворени.
Во Луксембург и германски Келн наредено е децата денеска да останат дома и да не одат на училиште за да избегнат патување во лоши услови.
Во Данска, метеоролозите предупредија на оркански ветрови, а откажани се и некои летови.
Мотоциклистите исто така се предупредени да не возат или да преминуваат големи мостови, вклучувајќи го и мостот што ги поврзува источна и западна Данска.
Невремето се очекува и во јужна Норвешка и во западните делови на Шведска, а во многу земји откажани се фудбалски натпревари, трки со коњи, рагби натпревари и други настани како што е натпреварот во Премиер лигата меѓу Манчестер Сити и Вестхем.
Натпревари се откажани и во Холандија, Белгија и Германија.