Делови од Австрија денеска беа зафатени од ново невреме што предизвика поплави и одрони.
По екстремните врнежи од дожд што почнаа во текот на минатата ноќ, под вода се делови од покраините Долна Австрија, Салцбург, Штаерска, Горна Австрија и Тирол.
Во Долна Австрија невремето нанесе голема штета, а посебно се погодени општините Лилиенфелд, Гензерндорф и Баден. Во местото Рамзау надојдената вода однесе еден мост, а поплавениот пат повеќе часови беше непрооден.
Блокирано било и возило на противпожарната служба бидејќи пожарникарите биле изненадени и поплавени од бран од реката Рамсахбах што се излеала на патот. Друга противпожарна единица била принудена да ги спасува своите колеги од поплавеното возило.
Во Гензерндорф, крај Виена, посебно е погодено местото Протес, каде локалната река зад себе оставила пустош.
Во Винервалд невремето довело до прекин во снабдувањето со електрична енергија за населението.
Во покраината Салцбург невремето предизвикало бројни поплави, пред се, во Флахгау и Тененгау, каде наврнае рекордно количество дожд. Во Матзе и Флахгау во текот на ноќта наврнале 94 литри по квадратен метар, а слично било и во деловите од градот Салцбург.
Во Горна Австрија заради поројните дождови биле евакуирани туристите о камп во местото Прванг.
Во градот Бад Ишл пожарникарите испумпувале вода од поплавените подруми и гаражи, а дошло и до привремен прекин во снабдувањето со струја.
Во Тирол имало до бројни одрони, што блокирале одделни патишта.
Со оглед на фактот дека и во следните денови се очекуваат дождови, односно променливо време, состојбата во погодените општини останува критична.