Невеста од САД загина само неколку часа по завршувањето на венчавката, кога пијан возач удри во автомобилот на новопечениот пар на патот.
Саманта Милер (34) загина во сообраќајна несреќа во Јужна Каролина. Повредени се и уште три лица кои биле во возилото со неа, меѓу кои и младоженецот.
Младоженецот Арик Хачинсон се здоби со повреди на мозокот и бројни скршеници и се наоѓа во критична состојба. Неговата мајка Анет Хачинсон напиша како добила торба со бурмата на нејзиниот син во болница пет часа откако неговата сега веќе мртва сопруга му ја ставила на прстот, пишува The Guardian.
Осомничената Џејми Ли Комороски во моментот на несреќата возела изнајмен автомобил со 105 км/ч и само кратко ја притиснала сопирачката пред да удри во возилото на нововенчаната двојка. Ограничувањето на брзината во таа област е 40 km/h. Таа е обвинета за убиство и возење во пијана состојба. Доколку биде осудена, ѝ се заканува затворска казна до 25 години.